Агрономијата е природна наука која припаѓа на биотехничкото научно поле. Како интердисциплинарна наука, ги опфаќа речиси сите природни науки, но исто така длабоко навлегува во техничките и економските научни области.
Научниот кадар на Земјоделскиот институт постојано ги следи најновите достигнувања во областа на современото земјоделство. Оваа научна институција е една од најстарите во Р. Македонија и е оформена во 1944 година. Земјоделски институт, работејќи во исклучителни динамични услови, со својот тим обезбедува поддршка за развој на македонското земјоделство. Во текот на 68-годишното постоење, изграден е едуциран научен кадар од сите области на земјоделските науки. Паралелно со едукацијата на кадарот, се создавале и развивале услови за научно-истражувачка работа која е имплементирана во сите области на земјоделското производство во државата. Поврзувањето на научните истражувања со современите начини на едукација се клучни предизвици за идниот развој на Република Македонија во делот на земјоделството, образованието и економскиот развој.
Во глобалната економија, квалитетот на храната која се произведува, стандардите, примена на добрата земјоделска пракса, преработката на земјоделските производи, складиштењето и маркетингот се аспекти кои се од исклучително значење за земјоделските производители, а со самото тоа и за едукација во областа на земјоделството. Во рамките на образованието и обуките, треба да бидат земени предвид сите нови трендови во едукативниот процес и нивното социо-економско значење. Исто така, од не помало значење е зголемената грижа за заштитата на човековата околина и заштитата на природните ресурси како теми за настава по предметите како: заштита на растенијата и интегрирано управување со штетници, рационална употреба на ѓубрива и сл. Учесниците во секторот мораат да поседуваат современи знаења и вештини за да градат современ однос кон одржливиот земјоделски и рурален развој.
Во текот на прилагодувањето на Институтот кон современите потреби на земјоделството, руралниот развој и заштитата на човековата околина, идентификувани во текот на долгогодишното работење и комуникација со праксата, се лоцира потребата од дополнување на постоечкиот втор образовен циклус во Земјоделскиот институт. Предложената програма за студирање припаѓа на биотехнолошкото научно подрачје на полето на земјоделските науки. Со својот кадар, како и со кадарот од сродните институциии, се предвидува да се покријат неколку актуелни области од растителното производство и преработка.
Вториот образовен циклус е организиран во согласност со критериумите на Болоњската декларација и ќе опфати пет значајни области од земјоделските науки:
• Растителна биотехнологија – Енологија
• Растително производство – Интегрално производство
• Растително производство – Органско производство
• Растително производство – Расадничко производство
• Растително производство – Семепроизводство на поледелски и градинарски растенија
Едногодишните и двогодишните програми од Растително производство и Растителна биотехнологија според Болоњската декларација функционираат веќе неколку години. Во иднина, според потребите, последипломската настава ќе се проширува и во други насоки релевантни за развојот на земјоделските науки во земјата и светот.
Според Агендата 21 (1992) која гласи: “Клучни прилагодувања се потребни во земјоделството, човековата околина и макроекономската политика, на национално и интернационално ниво, во развиените и во земјите во развој да создадат услови за одржливо земјоделство и рурален развој” основна цел на одржливото земјоделство и руралниот развој е интензивирање на производството на храна во склад со принципите на одржлив развој и безбедноста на храна.
Овој процес подразбира вклучување на образовните институции, економски иницијативи, развој на соодветни нови технологии, обезбедување на соодветна храна, пристап до неа од страна на ризичните групи, производство за пазар, вработувања и намалување на сиромаштијата, раководење со природните богатства и заштита на човековата околина.
Програмата за Интегрално и Органско производство произлегува од растечката потреба на широката заедница како потрошувач на безбедна храна. Студентите, по завршување на оваа програма ќе бидат подготвени да влезат во комерцијално производство на здрава и безбедна храна, или придружните дејности на оваа гранка. Покрај тоа, постојат можности за пласирање на работна сила на полето на управување со водни, почвени и природни ресурси, советодавни служби, организација на ланци на снабдување, како и продолжување со научно-истражувачка работа во специфични полиња на интерес.
Со завршувањето на магистерските студии од оваа област кандидатите се здобиваат со академско звање Магистер на биотехнички науки, од областа на Интегрално производство, одн. Магистер на биотехнички науки, од областа на Ортганско производство.
Виното има почесно место во човековата исхрана и културна историја од дамнешни времиња. Посебниот интерес за виното произлегува од неговата хранлива вредност, a во современиот свет тоа е прифатено како пијалок кој придонесува за здравјето на луѓето. Затоа и се наметна потребата од развој на енологијата како посебна и комплексна наука. Освен тоа, нашата држава има богата винарска историја и одлични климатски и почвени капацитети за производство на вино со висок квалитет, што треба да претставува главна цел во винарството.
Магистерските студии по енологија се дизајнирани по следните принципи:
• Да ги задоволат националните и интернационалните барања со цел да се обучат кадри кои ќе придонесат за модернизација на винската индустрија во Р. Македонија;
• Примена на модерни технолошки постапки за производство на квалитетни вина;
• Следење на квалитетот на произведените вина со примена на најсовремени аналитички методи.
Предвидено е студиите да овозможат мултидисциплинарни научни и технички познавања кои ќе овозможат прилагодување кон економските промени во винарството и успешно презентирање и пласирање на странските пазари.
Со оваа област, која е дефицитарна со стручни лица, по завршување на студиите ќе се создадат можности за вработувања во винарските визби во Републиката и практична примена на стекнатите знаења добиени во текот на студирањето.
Со завршувањето на магистерските студии од оваа област кандидатите се здобиваат со академско звање Магистер на биотехнички науки, од областа на Oenology.
Производството на квалитетен и здрав саден материјал заснован на законски регулативи е предуслов за успешно овоштарско и лозарско производство. Со својата специфичност расадничкото производство бара високостручен обучен кадар.
Агроеколошките услови на РМ се поволни за производство на квалитетен овошен и лозов саден материјал. Но, недостигот од домашно производство, неконтролираниот увоз на саден материјал, недостигот од обучен стручен кадар од оваа област, наложуваат потреба од формирање на ваков студиум, кој досега не беше организиран од релевантни научни установи во државата.
Магистерските студии по расадничко производство се формираат да ги задоволат националните и интернационални барања, како и да се обучат кадри кои ќе допринесат за подобрување на технологијата на производство на саден материјал и негова сертификација во согласност со ЕУ- регулативите. Со тоа директно ќе се влијае врз развојот и модернизацијата на целокупното овоштарско и лозарско производство во РМ.
Со завршување на студиумот, студентите ќе се здобијат со знаења за примена на најсовремените научни методи и технологии за комерцијално производство на високо квалитетен и здрав саден материјал, конкурентен на домашниот и странскиот пазар. Со тоа ќе се овозможи создавање на самостојни научни кадри со визија, креативност и нови идеи кои ќе допринесат за подигнување на квалитетот на постоечките и стимулација за отворање на нови расадници во РМ.
Со завршување на магистерските студии од оваа област, кандидатите се здобиваат со академско звање Магистер на биотехнички науки, од областа на Расадничко производство.
Врвот на достигнувањата во селекционите програми е создавањето на нови сорти и хибриди со подобри квалитетни својства и повисоки приноси од постоечките. Новосоздадените сорти и хибриди, како еден од основните фактори при осовременувањето на земјоделското растително производство, можат да го реализираат својот генетски потенцијал само преку добро организирано производство на квалитетно семе. Светската наука и пракса покажуваат дека сортното семепроизводство е еден од најзначајните фактори за зголемување на земјоделското производство.
Семепроизводството, како специфичен процес на одржување на сортите и репродукција на семето, се состои од низа мерки: избор на површини, одгледување на семенските посеви, стручна контрола, прибирање, доработка, чување и испитување на квалитетот на семето, па се до пуштање во промет и доставување до крајните потрошувачи за сеидба.
Производството на сортно семе има за цел да ги обезбеди земјоделските производители со доволни количества на квалитетно семе од признаени, регистрирани и реонирани сорти и хибриди од земјоделски растенија.
Студиската програма за Семепроизводство на поледелски и градинарски растенија произлегува од потребата за осовременеување на земјоделското растително производство, бидејќи организирањето на семепроизводството како доста сложен процес бара теоретско и практично знаење. Студентите, по усвојувањето на оваа програма, ќе бидат подготвени да влезат во комерцијално производство на висококвалитетно семе од поледелски и градинарски растенија.
Областа семепроизводство е дефицитарна со стручни лица. По завршување на студиите, ќе се создадат обучени стручни кадри кои ќе можат да организираат и да произведуваат квалитетен семенски материјал за потребите на земјоделското растително производство во Републиката.
По завршување на магистерските студии од оваа област, кандидатите се здобиваат со академско звање Магистер на биотехнички науки, од областа на Семепроизводство на поледелски и градинарски растенија.
Земјоделскиот институт, како членка на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, ја изработи последипломската програма во склад со постоечките додипломски студии на различните универзитети во Република Македонија. Во подготовките на овие студии е остварена соработка со неколку меѓународни институции од оваа област, а пред сé Институтот во Бари (ИАМБ) – Италија, Универзитетот во Вагенинген – Холандија, Биофорск – Норвешка, Институтот за растителни и генетички ресурси од Садово – Бугарија и други.
– Растителна биотехнологија – Енологија
1 година (два семестри)
2 години (четири семестри)
– Растително производство – Расадничко производство
1 година (два семестри)
2 години (четири семестри)
– Растително производство – Семепроизводство на поледелски и градинарски култури
1 година (два семестри)
2 години (четири семестри)
– Растително производство – Интегрално производство
1 година (два семестри)
– Растително производство – Органско производство
1 година (два семестри)
На едногодишните програми, студентите се стекнуваат со 60 ЕКТС.
На двогодишните програми, студентите се стекнуваат со 120 ЕКТС.
Institute of Agriculture, 2024 © All rights reserved.