Проф. д-р Емилија Симеоновска дипломирала во 1993 год. на Земјоделскиот факултет во Скопје, каде и магистрирала во 1997 год., на тема: „Наследување на некои квантитативни својства кај хибриди од пченица (Triticum aestivum ssp. vulgare)“. Докторирала во 2008 година на Факултетот за земјоделски науки и храна Скопје на темата со наслов: „Ефекти од третманот со гама-зраци кај некои македонски сорти и линии мека пченица (Triticum aestivum ssp. aestivum)”. Од 1998 год., по магистрирањето, е вработена на Земјоделскиот институт во Скопје, како асистент во Одделението за житни култури. По докторирањето, во 2009 година е избрана за научен соработник во истото одделение. Во 2014 година е избрана за вонреден професор, а во 2019 година, за редовен професор во Одделението за поледелство на Земјоделскиот институт во Скопје.
Денес проф. Симеоновска редовен професор во Одделението за поледелство.
Научно истражување остварува во областите житни култури (општи аспекти на производство, семепроизводство, генетски ресурси), селекција и сортопроучување на пченица и ориз (принос и квалитетни својства).
Изведува настава на втор циклус студии по предметот Органско и биодинамично производство на поледелски култури.