Во составот на Земјоделскиот институт – Скопје функционира Ген банка од растителни генетски ресури, т.е. национална семенска колекција од голем број на автохтони, регионални, новосоздадени, интродуцирани и високопотенцијални сорти и популации од житни, градинарски, фуражни и индустриски култури.
Овие растителни генетски ресурси се со непроценлива вредност и се дел од природното и културното богатство и наследство на Република Македонија. Претставуваат основа за зачувување на биолошката разновидност, почетен материјал во селекциските програми за создавање нови сорти и за испитување и евалуација на агробиолошки и технолошки својства на сортите.
Ген банката, под Земјоделскиот институт е формирана како резултат на интензивните долгогодишни активности.
Земјоделскиот институт во Скопје е единствена институција во Македонија во моментов во која растителните генетски ресурси се конзервирани по ФАО стандардите и се соодветно документирани. Во замрзнувачите има вкупно 721 примерок од 43 ботанички вида. Најмногу се житни (417), потоа градинарски (202), фуражни (77) и индустриски (25) примерока. Нивните пасошки податоци се дел од Европската Датабаза EURISCO.
Земјоделски Институт, 2024 © Сите права се резервирани.