Период на имплементација: 2024 – 2025
Координатор: д-р Христина Попоска, виш научен соработник (hristinapoposka@hotmail.com)
Одделение за педологија и агрохемија
Земјоделскиот институт – Скопје од 2024 година го спроведува Проектот „Халоморфните почви во
регионот на Овче Поле“, финансиран од сопствени средства.
Најголемиот дел од официјалните податоци за овие почви во нашата држава се застарени (изработени во периодот 1960 / 1970 година) и за истите се потребни нови истражувања со примена на нови современи методи, како и нивен постојан мониторинг во иднина.
Во класата на халоморфни почви (слатини) спаѓаат оние почви во чија генеза и еволуција леснорастворливите соли имале или имаат многу значајна улога.
За тест регион е земен регионот на Овче Поле како еден од најаридните региони во државата, со највисока акумулација на соли во палеогените седименти, речните и подземните води и во почвите и на наклонети терени, интензивно секундарно засолување како резултат на антропогени активности, како и најдобро проучени халоморфни почви во државата, што овозможува споредбени испитувања со претходно објавените резултати и др.
Кај халоморфните почви под природна вегетација се јавуваат специфични растителни заедници кои се карактеристични само за солените почви, што овие почви ги чини природен хабитат од посебно значење за биодиверзитетот. Описот на вегетативната покривка кај халоморфните почви во истражуваното подрачје, ќе претставува солидна база за идна заштита на халоморфните почви и специфичниот биодиверзитет во екосистемот од кој се тие составен дел.
Земјоделски Институт, 2024 © Сите права се резервирани.