Нова публикација за агро-екотуризам: теоретски основи, практични чекори и успешни примери

Со големо задоволство ја информираме јавноста, научната и стручната заедница, руралните домаќинства и сите чинители во руралниот развој за објавувањето на новата публикација: „АГРО-ЕКОТУРИЗАМ: ТЕОРЕТСКИ И НАУЧЕН ПРИСТАП, ПРАКТИЧНИ ЧЕКОРИ И ПРИМЕРИ ЗА АГРО-ЕКОТУРИЗАМ – Модел на одржлив рурален развој и интеграција на земјоделството, туризмот и природата“.

Публикацијата е подготвена во рамките на проектот „Заживување на традицијата и зачувување на природата“, финансиран од Амбасадата на Република Словенија и Фондот за развој при Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија.

Изданието претставува информативна и едукативна основа, но и практична и стратешка алатка за развој на руралните заедници. Посебно внимание е посветено на економското јакнење на жените и младите како носители на нови идеи, претприемачки иницијативи и иновативни пристапи во руралниот развој.

Ова е прва публикација од ваков вид, целосно приспособена на националните и руралните специфики на Македонија. На вкупно 240 страници се обработуваат теоретските основи на агро-екотуризмот, законските и административните постапки, практичните чекори за започнување дејност, како и економски проекции за руралните домаќинства, претприемачите, туристичките работници и локалните власти

Публикацијата е структурирана во неколку тематски целини:

  • Теоретски и научен преглед, во кој се дефинираат руралниот, еколошкиот и агротуризмот и се објаснува разликата меѓу масовниот и алтернативниот туризам. Посебно се разгледуваат одржливото користење на природните ресурси и примената на добри земјоделски практики во растителното производство и сточарството.
  • Правна и административна рамка, со систематизиран преглед на националното законодавство за регистрација, категоризација и стандардизација на руралните угостителски објекти, прометот на традиционална храна и заштитата на земјоделско-прехранбените производи преку ЗОП, ЗГО и ГТС.
  • Практични чекори и бизнис-планирање, кои опфаќаат процена на сопствените ресурси, управување со ризици, утврдување ценовна политика, профилирање на посетителите и планирање на одржлива агро-екотуристичка понуда.
  • Студии на случај и практични алатки, со успешни примери од Македонија, меѓу кои „Пирустија Неданоски“ и „Spirit of Prespa“, како и меѓународниот концепт на дифузно сместување Albergo Diffuso. Вклучени се и практични шаблони и финансиски конструкции за различни типови земјоделски стопанства.

Во услови на депопулација, ограничени можности за вработување и ниски приходи кај малите семејни стопанства, публикацијата нуди научен и стручен придонес кон диверзификацијата на руралната економија и создавањето дополнителни извори на приходи.

Таа е наменета за:

  • руралните домаќинства и земјоделците кои сакаат да ги унапредат своите капацитети и да развијат туристичка понуда;
  • граѓанските организации и локалните самоуправи кои работат на локален економски и рурален развој;
  • стручната јавност, туристичките работници и претприемачите во областа на алтернативниот туризам.

Како едукативен, информативен и практичен извор, публикацијата претставува значајна основа за одржлив развој на руралните средини, заснован врз поврзување на традиционалното земјоделство, туризмот, локалната култура и заштитата на природата.

Забелешка: Публикацијата не е наменета за комерцијална продажба. Секое заинтересирано лице може бесплатно да подигне примерок во просториите на Земјоделскиот институт – Скопје, во Одделението за агробизнис, економија и рурален развој.

Останати Новости

Нов поттик за македонските села: Проектот „Заживување на традицијата и зачувување на природата“ го отвара патот за агро-екотуризмот

Македонските рурални средини кријат огромен, но сè уште нецелосно искористен потенцијал. Автентичните пејзажи, богатата гастрономија, традиционалното гостопримство и занаетите го прават секое наше село посебно.

Прочитај Повеќе