Проф. д-р Климе Белески дипломирал во 1993 год. на Земјоделскиот факултет во Скопје, а магистрирал исто така на Земјоделскиот факултет во 1999 год., на тема: „Производни особини на одделни клонови од некои сорти винова лоза во Република Македонија”. Докторирал во 2006 година на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје на тема со наслов: „Ботанички, агробиолошки и технолошки карактеристики на сортите винова лоза (Vitis vinifera L.) од балканската подгрупа (subconvarietas balcanica Negr.)”. Од 1999 год. е вработен на Земјоделскиот институт во Скопје, како помлад асистент во Одделението за лозарство. По магистрирањето во 1999 год. е избран за асистент, а по докторирањето во 2006 година е избран за доцент. Во 2011 е избран за вонреден професор, а во 2016 година, за редовен професор. Во периодот од 2011 до 2019 година бил директор на институтот.
Денес проф. Белески е редовен професор во Одделението за лозарство.
Научно истражување остварува во областите: ампелографија, генетика и селекција на винова лоза, генетски ресурси од винова лоза, органско растително производство и современи технологии во лозарско производство.
Изведува настава на втор циклус студии по предметите: Ампелографија, Органско и биодинамично производство на лозови култури, Органско и биодинамично производство на грозје и вино, Производни практики и проценка на квалитет на органското производство.
