Проф. д-р Мелпомена Поповска дипломирала во 1990 год. на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирала на истиот факултет во 1998 год., на тема: „Биолошки и производни својства на некои сорти цреши и вишни и односите при меѓусебното опрашување”. Докториралa во 2007 година на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на темата со наслов: „Ефекти од гама зрачењето кај некои сорти цреши”. Од 1991 год. е вработена на ЈНУ Земјоделски институт во Скопје, како помлад асистент во Одделот за овоштарство, Одделение за коскесто овошје. По магистрирањето во 1998 год. е избрана за асистент. По докторирањето во 2008 год. е избрана за научен соработник, а во 2012 год. се стекнала со звањето доцент. Во 2013 год. е избрана за вонреден професор, а во 2018 год. за редовен професор. Во периодот од 2001 до 2002 год. и во 2008 год. била помошник директор на Одделот за овоштарство при ЈНУ Земјоделски институт. Од 2009 до 2017 год. и од 2022 год. до денес е раководител на Одделението за овоштарство.
Денес проф. Поповска редовен професор во Одделението за овоштарство.
Научно истражување остварува во областите: селекција и генетика на овошни видови, помологија, генетски ресурси од овошни култури и органско производство на овошни култури.
Изведува настава на втор циклус студии по предметот Органско и биодинамично производство на овошни култури.