Search
Close this search box.

За Научната дејност

Земјоделскиот институт-Скопје како високо научно истражувачка институција е посветена на унапредување на науката и практиките во земјоделството преку иновативни истражувања, континуирано образование и трансфер на технологии, воспоставувајќи силна интеракција помеѓу науката и праксата.

Тој е во постојана еволуција и промени, прилагодувајќи се кон актуелните општествени, технолошки, еколошки, наставно образовни, научни и други услови и аспекти, важни како за наставно-научна установа, така и за стопанството, земјоделците и консументите на храна.

Водени од принципите на одржливото земјоделско производство, како основа за обезбедување на храна, зачувување на биодиверзитетот и природните ресурси, Институтот зазема лидерска позиција во промовирање на одржливите земјоделски практики, вклучувајќи ги агроеколошките мерки и органското земјоделско производство.

Во основата на мисијата на институтот е спроведувањето на современи истражувачки иницијативи за модернизирање на земјоделското производство преку интродукција и создавање на високо-приносни сорти со подобрена отпорност кон болестите и штетниците, погодни за одгледување на специфични агро-еколошки услови. Тековните истражувања се насочени кон развој на интегрирани системи за управување со болестите и штетниците, промовирајќи методи на биолошка контрола со цел намалена употреба на пестициди и зголемена отпорност на земјоделските системи.

Поради значителната деградација на почвата од индустријализацијата, урбанизацијата, неодржливите практики во земјоделството, и друго, Институтот се фокусира на развивање на практики за одржливо управување со почвата и заштита на здравјето на почвата. Сo овој пристап се обезбедува одржување на органската материја на почвата како и подобрување на целокупната плодност за оптимизирано земјоделско производство, што влијае на целокупната човекова благосостојба.

Одржувањето на семенската колекција на генетскиот материјал од земјоделските култури е од суштинско значење за подобрување на сортните карактеристики, зачувување на биолошката разновидност и руралната традиција, во кое Институтот игра клучна улога во земјата преку зачувување и управување со растителните генетски ресурси во нејзините капацитети.

Научните и образовните програми на Земјоделскиот институт овозможуваат пристап до знаење за иновативни технологии и добри практики за одржливо и ефикасно земјоделско производство,  иницирајќи ги младите да живеат во руралните средини и да се занимаваат со земјоделско производство.

Земјоделскиот институт работи на агроекономски анализи во земјоделството, насочени кон рационално користење на ресурсите, оптимизација на инвестициите и анализа на економските влијанија врз земјоделството, вклучително и прилагодување кон климатските промени, како клучни фактори за подобрување на социоекономската состојба на руралните домаќинства и земјоделските компании. Земајќи го предвид современото разбирање на руралниот развој што го надминува концептот дека земјоделството и производството на храна се единствените функции на руралната економија и се движат кон поширок концепт кој ги опфаќа сите ресурси во руралните области, вклучително и неземјоделските активности, Институтот  работи на подобрување на  Управувањето и искористувањето на предностите што ги нудат расположливите ресурси во руралните средини, како предуслов за подобрување на благосостојбата на руралното население.

Активната соработка со националните и меѓународните партнери, државните агенции, невладиниот и приватниот сектор е во насока на здружување на ресурсите за одговор на глобалните предизвици во земјоделскиот сектор.

Накратко, Земјоделскиот институт-Скопје е динамичен научно-истражувачки центар, кој значително придонесува за развојот на иновативни решенија за предизвиците со кој се соочува земјоделскиот сектор. Преку мултидисциплинарен пристап, посветеност и одржливост, институтот игра клучна улога во креирањето на иднината на македонското земјоделство, обезбедувањето на безбедна храна и поттикнување на благосостојба на заедницата.