На 15.05.2023 во EU House – Скопје се одржа настанот NATI00NS „Здрава почва+зелени бизниси = инвестиции во нашата иднина“ во организација на АРНО и Земјоделскиот институт – Скопје, со поддршка на БиоСенс Институт од Србија. Со поздравен говор на присутните се обратија г. Трајко Димковски од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ од Земјоделскиот Институт – Скопје и Ирина Јаневска од здружението за социјални иновации АРНО.
Во воведното излагање, д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ ја потенцираше значителната деградација на нашата почва поради индустријализацијата, урбанизацијата, монокултурите, неодржливи практики во земјоделството, прекумерната употреба на штетни хемиски средства како што се ѓубрива, пестициди, хербициди и друго. Со оваа деградација на почвата имаме голем пад на плодноста, губење на биодиверзитетот и зголемени емисии на стакленички гасови, што на крајот влијае на благосостојбата на целиот живот на нашата планета. Решавањето на овие предизвици бара интердисциплинарни истражувања, иновативни решенија и заеднички напори од сите засегнати страни. Научните сознанија се најголемата надеж и перспектива за зачувување на екосистемите и агробиодиверзитетот, како и исполнување на амбициозната Европска Зелена Агенда, заедно со другите чинители, но за тоа се потребни многу поголеми инвестиции во науката и истражувањето, кои во нашата држава не се на завидно ниво.
По поздравните говори, преставничката од Институтот BioSense од Србија го престави проектот Nati00Ns кој ја стави и Македонија на мапата на 43 држави каде се спроведува овој европски проект финансиран во рамките на програмата HORIZON и со тоа се даде поширок контекст за концептите на живи лаборатории и светилници на знаење.
Локализација на темата се даде преку панел-дискусијата во која учествуваа претставници од академската заедница (проф. д-р Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт – Скопје и проф. д-р Кирил Сотировски од Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“), претставничка од Македонско еколошко друштво (Робертина Брајановска), Димитар Самарџиев – говорник од здружението „Зелената Арка“ и општествената градина „Бостание“ и Дејан Стојановиќ од социјалното претпријатие „ИнВиво“, кој зборуваше за биохумусот и вработувањето на лица со помалку можности. Различните профили на панелистите овозможија да се дискутира за значењето и состојбата на почвите од различни економски, социјални и еколошки аспекти.
Проф. д-р Душко Мукаетов како експерт за педологија од Земјоделскиот институт изрази големо задоволство за можноста да се говори за почвата и нејзиното значење како природен ресурс. Тој ги истакна повеќекратните функции кои ги имаат почвите во одреден екосистем, како што се: обезбедување храна, растителни влакна и огревен материјал; врзување на јаглеродот; прочистување на водите и редукција на загадувачите; регулација на климата; кружење на хранливите материи; живеалиште за организми; регулација на поплави; основа на целокупната инфраструктура на човекот; градежни материјали и културно наследство.
Затоа е неопходно и многу ургентно да спроведуваме акции кои ќе влијаат на подобрување на одржливото управување со овој природен ресурс, особено примената на одржливите практики во земјоделството и примената на иновациите како прецизно земјоделство и друго. Квалитетот на почвата е од суштинско значење за развојот на земјоделството во Македонија и неопходно е да се спроведат ефективни практики за зачувување на почвите од деградација и нивна рекултивација и ремедијација. Креаторите на јавните политики особено треба да ја земат предвид пренамената на почвите и управувањето со горниот слој на почвата во областите каде што се одвиваат градежни и енергетски инвестиции.
Настанот заврши со заклучоци дека почвата како природен ресурс има природни, економски и општествени вредности и најважната порака која се упати е дека управувањето и грижата за почвите треба да е одговорност на научните и образовните институции, земјоделците, владините и невладините организации, граѓаните, и сите останати засегнати страни.
Партнерството помеѓу АРНО и Земјоделскиот институт-Скопје се заснова на заеднички заложби за промовирање одржливи зелени бизниси, заложби за важноста на здрави почви и заложби за едуцирање на граѓаните, особено младите. Партнерството на овие два ентитета e важно за пренесување на пораката на настанот, која е градење на екосистеми, од долу нагоре.
Факти за почвата кои беа потенцирани на настанот:
Земјоделски Институт, 2024 © Сите права се резервирани.