Паметното земјоделство е иднината на развојот на Македонското земјоделско производство

УКИМ Земјоделскиот институт – Скопје организираше конференција на тема „Паметно земјоделство – иднина на земјоделството и руралниот развој“, која беше финансиски поддржана од Европскиот институт за иновации и технологии – EIT Food на Европската Унија. Конференцијата која се одржа во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации во Скопје при Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ го актуелизираше прашањето поврзано со воведување на новите технологии во земјоделството, како клучен фактор за унапредување на нашето земјоделско производство. Поради мултидисциплинарниот карактер на темата, интерес за учество изразија претставници од научната и образовната сфера во земјоделството и ИКТ индустријата кај нас и од регионот, студентите, приватниот сектор, индивидуалните земјоделци и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

На отворањето на Конференцијата, директорот на Земјоделскиот институт, проф. Д-р Виктор Ѓамовски ја потенцираше важноста за дигитализацијата како неминовна трансформација за идниот развој на нашето земјоделство, кое претставува многу важна социоекономска гранка, покривајќи околу 10% од вкупниот БДП. Земјоделството минува низ т.н. четврта револуција, предизвикана од експоненцијално зголемената употреба на информатичката и комуникациската технологија (ИКТ), и очекувањата се дека овие технички подобрувања ќе генерираат големи промени во земјоделските практики и кај нас. Следењето на овие трендови е од исклучителна важност за подобрување на конкурентноста на нашето земјоделство, кое иако има долга традиција и голем потенцијал за развој, се соочува со низа проблеми, како што се руралната сиромаштија, ниската ефикасност и механизираност, ограничени знаења и вештини и друго. Токму затоа, денес говориме за трендовите на земјоделската дигитализација во светот и предностите и предизвиците со кои се соочува нашата земја од воведувањето на овие нови технологии во земјоделството.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја поздрави иницијативата за одржување на една ваква конференција, кој истакна дека е согласно клучните стратешки цели на МЗШВ за подобрување на конкурентноста на земјоделскиот сектор. Во таа насока, тој нагласи дека во Програмата за рурален развој е воведена подмерка – Смарт земјоделство, како нова финансиска поддршка за модернизација на земјоделските стопанства

Примерите за примената на паметните земјоделски технологии и практики, презентирани на конференцијата од експертите на Земјоделскиот институт, како научно-истражувачка институција за земјоделско растително производство, потврдуваат дека паметните технолошки решенија имаат речиси неограничена примена и можности во сите сегменти на земјоделството, прехранбената индустрија и руралниот развој.

Како најактуелни дигитални решенија во современото земјоделство беа презентирани: беспилотните летала со автономна контрола на летот, кои заедно со лесни и моќни сензитивни камери можат да се користат за детерминација на хемиските елементи во почвата, растителни болести со помош на оптички информации и друго; потоа роботските возила конструирани за механичко плевење на земјоделските посеви, за примена на ѓубриво, за берба на овошје како и многу други дигитални технолошки решенија.

Една од силните позитивни страни на прецизното земјоделство, која беше особено потенцирана од експертите, е оптималното користење на природните ресурси. Имено за разлика од вообичаените земјоделски практики, со примена на прецизните земјоделски системи, кои се карактеризираат со висока прецизност и постојана контрола, се намалува примената на инпутите при одгледување на земјоделските култури, како што се ѓубривата и пестицидите, а со тоа освен што се намалуваат трошоците, се намалува и емисијата на стакленички гасови, како клучен фактор за климатските промени.

Како претставник од приватниот консултантски сектор за дигитално земјоделство зборуваше м-р Благоја Муканов, извршен директор на компанијата АгФутура Технологии, препознаен по дигиталните производи на домашниот и странскиот пазар. Во неговата дискусија јасно беше претставена корелацијата помеѓу алатките на прецизното земјоделство, базирано на собирање бази на податоци и подобрување на земјоделските бизнис позиции во глобалниот земјоделско-прехранбен сектор, но и она што е најважно за руралните средини, како земјоделството преку примена на ИТ и нови модерни бизнис модели може да стане привлечно за младите во земјава.

Во последната сесија од конференцијата претседателката на Националната федерација на фармерите, Васка Мојсовска, како претставник на земјоделците, го изрази своето големо задоволство што може на една ваква научна конференција да ги изнесе реалните предизвици за примената на паметните технологии со кои се соочуваат нашите земјоделци. Додека во развиените земји трансформацијата од традиционалното во паметното земјоделство е интензивна и брза, ние во нашата земја сеуште зборуваме за основни егзистенцијални проблеми во селата, за нерешени инфраструктурни прашања, за земјоделец кој во просек поседува од 1,5 до 3 ха земјоделско земјиште и има ниска конкурентност и економска моќ. Егзодусот на младите проследен со намален природен прираст и стареење на населението прават уште поголем јаз и потешкотии да се прифатат овие напредни техники. Затоа од клучна важност е да се решаваат основните недостатоци во селото, а воведувањето на концептот на интелигентно земјоделство да биде со вклученост на сите засегнати страни, земјоделците, откупувачите, научните и образовни организации и државните институции.

На крајот на конференцијата, модераторот и координаторот на проектот, д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ ги истакна неколкуте клучни заклучоци од дискусиите:

  • Паметното земјоделство е неминовна трансформација со која може да се постигне конкурентно и квалитетно земјоделско производство, со оптимално користење на природните ресурси и човечкиот труд.
  • За успешно креирање на дигитални производи неопходна е блиска соработка помеѓу земјоделците и земјоделските експерти со експертите од информатичката и комуникациската технологија.
  • Потребно е воведување на дигиталното земјоделство во редовните образовни програми, што ќе претставува алатка за зголемување на интересот на младите за земјоделското производство.
  • Неминовно е силно здружување на земјоделците во различни облици за полесен трансфер на новите технологии и знаења во оваа област.

Потребно е да се креираат соодветни јавни земјоделски политики со кои ќе се решаваат основните инфраструктурни проблеми на селото и ќе се обезбеди пристап до капитал на младите за развивање и примена на иновативни идеи и нови технологии во земјоделското производство