Свечена Академија

На 12ти декември 2024 година, во Музејот на македонската борба за самостојност, пред голем број гости беше одржана Свечена Академија по повод јубилејот на УКИМ Земјоделскиот институт – Скопје, како завршен од серијата настани организирани по повод 80 години од неговото основање.

Свеченоста беше отворена со интонирање на државната химна, по што следеа изведби на химната на академската заедница – Gaudeamus igitur и химната на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во изведба на Мешаниот хор „Драган Шуплевски“ и Симфонискиот оркестар при ФМУ, а под диригентска палка на проф. м-р Сашо Татарчевски.

Поздравно обраќање имаше Директорот на Институтот, проф. д-р Виктор Ѓамовски, а по него пригодни говори одржаа и Ректорката на  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова и Претседателката на Република Северна Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова.

Во своето обраќање, проф. д-р Виктор Ѓамовски зборуваше за значењето на одбележувањето на јубилејот за Институтот и генерациите кои работеле во него, за тешките услови кога била формирана оваа институција и за напредокот и предизвиците што нѐ очекуваат во иднина:

Денес е денот да чествуваме, но и да се потсетиме на истрајноста, иновативноста и отпорноста на Институтот и на сите генерации негови вработени. Оваа значајна прилика нѝ овозможува да размислуваме за минатото, да ги нотираме и славиме нашите достигнувања и да гледаме кон иднината со појасна цел.

Основањето на Земјоделскиот институт во тоа време, веднаш по војната, беше чин на верба во истрајноста на нашиот народ и во неговиот потенцијал за раст, дури и во најтешките околности. Тоа беше одлука што го посеа семето за многу научни откритија, напредок во земјоделството и образовни достигнувања од кои имавме, и продолжуваме да имаме корист и денес.

Како што гледаме кон следните 80 години, предизвиците се уште поголеми. Нашиот свет се менува брзо, населението расте, климатските модели се менуваат, а прехранбените системи се под зголемен притисок. Сепак, јас сум убеден дека следното поглавје во историјата на Институтот ќе биде дефинирано со истата посветеност на извонредност и напредок, која беше негов белег веќе 80 години.

Најпрво и основно, да го почитуваме наследството на нашите претходници со тоа што ќе продолжиме да ги поместуваме границите, да инвестираме во истражувања и да го сместиме земјоделството во јадрото на нашиот национален развој. Со секоја нова иновација, Институтот да продолжи да служи како мост помеѓу науката и практиката, помагајќи им на нашите земјоделци и заедници да напредуваат, а истовремено да ја зачувуваат нашата животна средина за идните генерации.

Во обраќањето, Ректорката на Универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова, го истакна значењето што УКИМ Земјоделскиот институт го има во рамки на самиот Универзитет, како негова рамноправна членка:

Овој голем јубилеј од 80 години го одбележуваме во истата година во која Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје слави значаен јубилеј од 75 години академска извонредност. 75 години предводени од идеалите на врвната наука и високите стандарди во високото образование како универзитет кој расте и се развива во современа и отворена високообразовна заедница. Заедно со своите реномирани единици, УКИМ претставува движечки интелектуален потенцијал на водечки процеси во високото образование и науката.

Земјоделскиот институт во Скопје е една од најстарите
научноистражувачки организации од областа на земјоделството во Македонија. Уште од далечната 1927 година, од тогашниот околиски расадник во Скопје, се формира Агроботаничкиот отсек, при што таа година е зацртана како зачеток на идниот Земјоделски институт во државава. Но, официјалниот почеток за неговото постоење е по ослободувањето на Македонија во 1944 година, формирана како најстара научна установа од ваков тип од областа на земјоделството со назив Земјоделско-испитателен институт.

Од 2009 година, Земјоделскиот институт е во состав на УКИМ, како една од неговите реномирани огранизациски единици. Низ долгата традиција на постоење и дејствување, Земјоделскиот институт се етаблираше во врвна научна институција со препознатлив лик. Во текот на неговото осумдецениско постоење, изграден е едуциран научен кадар од сите области на земјоделските науки, кој постојано ги следи најновите достигнувања во областа на современото земјоделство.

Во говорот на Претседателката проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, беше истакнато значењето што УКИМ Земјоделскиот институт го има во денешните модерни времиња, соочувајќи се со предизвиците на модерното време:

Денес, кога стоиме пред предизвици од глобални размери – од климатските промени до демографските текови – работата на Земјоделскиот институт станува уште поважна.

Во време кога младите сè помалку гледаат перспектива во руралните средини, а зависноста од увоз на храна расте, овој институт продолжува да биде двигател на промени и столб на надеж. Секое негово достигнување е доказ дека со знаење, посветеност и визија можеме да создадеме посветла иднина.

Да вложуваме во науката, во младите научници и во модерните технологии. Да го зајакнеме капацитетот на Институтот и да го поддржиме неговото лидерство во руралниот развој, образованието и одржливото производство.

Полето на Земјоделскиот институт е повеќе од земја, симбол на нашето колективно патување и стремеж. И така, додека сонцето сјае врз полето, знаеме дека секоја бразда е исполнета со историја, секое семе со надеж и секој плод со иднина.

По одржаните говори, се продолжи со врачување на Плакети и Благодарници на домашни и странски институции – соработници на Земјоделскиот Институт, со кои Институтот има остварено долгогодишна, плодна, меѓународна соработка.

Официјалниот дел од програмата беше заокружен со краток филм за почетоците и развојот на Земјоделскиот Институт низ неговото 80 годишно постоење, од самите скромни почетоци веднаш по ослободувањето на македонската држава, до сегашните современи капацитети со кои располага Институтот за да може непречено да ја извршува својата работа – опитни полиња и механизација и најсовремено опремени акредитирани лаборатории.

Посебна почит се оддаде на сите некогашни и сегашни вработени, кои помогнале со својата посветеност и преданост на работата и научната мисла Институтот да прерасне во позната и афирмирана научна институција, препознаена не само во земјава, туку и во странство.

Академијата заврши со богата уметничка програма изведена од страна на студентите од Факултетот за Музичка уметност при УКИМ, со нивниот впечатлив настап и изведба на македонски изворни песни, кои придонесоа за емотивна завршница на овој свечен настан.