Земјоделскиот институт – Скопје во 2023 година го спроведе Проектот „Истражување на социоекономската состојба кај младите во руралните средини во Македонија“, финансиран од интегративните средства на УКИМ.
Проблемот на егзодусот на младата популација од руралните села во градовите претставува значаен предизвик за одржливиот развој на селските заедници. Овој миграционен тренд предизвикува стареење на населението во руралните области и опаѓање на природниот прираст. Социоекономската нееднаквост во овие области ја зголемува социјалната несигурност и социјално исклучување на младите. Оваа проблематика не е доволно истражувана во нашата земја и постојат многу ограничени податоци и анализи. Во таа насока целта на научноистражувачкиот проект „Истражување на социоекономската состојба кај младите во руралните средини во Македонија“ е да ја истражи социоекономската состојба на младите во руралните средини преку идентификација на потребите и проблемите со кои се соочува оваа ранлива група, што ќе овозможи формулирање на поддржани и адаптирани политики, соодветни на нивните реални потреби и што ќе води кон подобрување на нивната социоекономска состојба.

За постигнување на целите на истражувањето беа користени примарни и секундарни извори на податоци. Примарните податоци се собирани со спроведување на анкетно истражување на 550 млади во рурални средини на возраст од 18 до 40 години во текот на 2023 година во сите плански региони на Македонија. За спроведување на анкетата, беше развиен сеопфатен анкетен прашалник кој содржи 50 прашања, со цел обезбедување на релевантни податоци за социоекономската состојба на младите во руралните средини. Анкетниот прашалник вклучува прашања кои се основа за спроведување на PESTEL анализата, односно прашања кои покриваат: политички, економски, социјални, технолошки, еколошки и правни аспекти, како инструмент за анализа на макроекономските фактори што влијаат на средината во која живеат младите во руралните области и за разработка на стратегии и интервенции за нивно подобрување и поддршка. За детерминирање на основните карактеристики на примерокот беа употребени методите на дескриптивната статистика, додека за одредување на општите фактори кои влијаат на процесот на миграција на руралните млади беше користен моделот на бинарна (дихотомна) логистичка регресија.

Генерално, резултатите од истражувањето покажуваат дека младите се општо незадоволни од квалитетот на живот во руралните средини. Задоволството е најголемо за поддршката од семејството и здравствената состојба, додека е најниско за економската состојба и корупцијата. Што се однесува до руралните услуги, задоволството е повисоко од постоењето на религиозните објекти и интернет, но пониско за инфраструктурата и услугите како образование и култура. Од аспект на вработувањето, стапката на вработеност во примерокот изнесува 62%, а стапката на невработеност 38%. Забележани се разлики во одредени сегменти во примерокот и тоа според типот на домаќинството дали е земјоделско или неземјоделско, полот, брачниот статус, образованието и местото на живеење. Имено, Неземјоделските домаќинства, мажите, лицата со високо образование и тие кои живеат во урбаните средини имаат пониска стапка на невработеност во споредба со нивните контраиндикатори. Податоците од анкетата за миграција покажуваат дека 72% од младите испитаници не планираат да ги напуштат своите рурални средини, што е висок процент, неочекуван во споредба со нивното незадоволство од условите за живеење. Испитаниците кои планираат да мигрираат, најчесто би го направиле тоа во странство (71%). Анкетираните кои планираат да ги напуштат руралните средини како главна причина го наведуваат незадоволството од целиот систем на државата (31%), како и неможност да оствари доволно приходи за издржување на семејството (20%), исполитизираност на институциите (19%), неможност да најде соодветно вработување (10%), преференции за живот во урбаните средини (8%) и друго. Креирањето на политиките за подобрување на социоекономската состојба на младите од руралните средини е сложен и мултидимензионален процес, кои инкорпорираат различни аспекти на животот на младите.

Предложените мерки за подобрување на социоекономската состојба на младите во руралните средини вклучуваат територијално-сензитивен пристап, економска стимулација, борба против корупцијата, подобрување на праведниот судски систем, поддршка во земјоделството и диверзифицирање на руралната економија, инвестиции во образованието и вработувањето, подобрување на услугите во руралните средини, и активно учество на младите во донесувањето на одлуки. Овие мерки се насочени кон создавање на подобра околина за живеење и работа, со цел задржување на младите во државата.
Главен истражувач: Д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ, научен соработник
Д-р Лазо Димитров, научен соработник
Д-р Душко Неделковски, вонреден професор
Д-р Катерина Банџо Орешковиќ, виш научен соработник
Д-р Милена Тасеска-Ѓорѓијевски, виш научен соработник
Д-р Христина Попоска, виш научен соработник
Д-р Ана Селамовска, редовен професор
Д-р Биљана Дрвошанова, научен соработник
М-р Деспина Поповска Стојанов, асистент истражувач
М-р Бранкица Спасева, асистент истражувач
М-р Иво Митрушев, асистент истражувач
