Мониторинг на почвите – можности за мобилизација и оптимизација на фосфорот во лозовите насади во услови на Медитеранска клима

Период на имплементација: 2026 – 2028
Координатор: д-р Христина Попоска, редовен професор (hristinapoposka@hotmail.com)
Одделение за педологија и агрохемија
Оддел за одржливо управување со природни ресурси и рурален развој

УКИМ Земјоделски институт – Скопје од 2026 година го спроведува проектот „Мониторинг на почвите – можности за мобилизација и оптимизација на фосфорот во лозовите насади во услови на Медитеранска клима “, финансиран од сопствени средства.

Фосфорот е вториот најважен хранлив елемент за правилен раст и развој на растенијата, веднаш по азотот. Тој е есенцијален макрелеменгт кој игра важна улога во сите биохемиски процеси на растенијата, како што се фотосинтеза, дишење, складирање и пренос на енергија, делба на клетка, фиксација на азот, ртење, вкоренување на расад, развој на коренова маса, стебло, цвет и плод.

Овој значаен елемент постои во почвата во различни форми и се движи низ сложен циклус. Неговиот примарен природен извор е бавното распаѓање на карпите кои содржат минерали како апатит, при што се ослободуваат фосфатни јони во почвата. Овој процес се дополнува со разградувањето на органската материја, како што се растителни и животински остатоци, со што фосфорот повторно се враќа во почвата.

Фосфорот во почвата е слабо подвижен, а неговото акумулирање (неконтрилирано ѓубрење) има големо влијание врз почвената плодност, преку појава на т.н антагонизам, односно блокирање на група на значајни елементи, меѓу кои се железото и цинкот.

Зависноста на земјоделството од необновливи природни ресурси, особено од фосфорни (P) ѓубрива и фосилни горива, претставува сериозен проблем. Иако постојат обновливи алтернативи за фосилните горива, обновливи извори на фосфорни ѓубрива кои би можеле да го заменат ископувањето на фосфатни карпи не постојат. Со намалувањето на резервите на фосфатни минерали, фосфорните ѓубрива неизбежно ќе станат оскуден и скап ресурс, што ќе има значајни последици врз земјоделското производство и безбедноста на храната. Дополнително, постои и проблемот со нестабилноста во снабдувањето со фосфатни карпи и поврзаните ценовни флуктуации, кој директно влијаеше врз пазарната вредност на фосфорните ѓубрива и индексот на цени на храната.

  1. ЦЕЛИ
    1.1. Развој и воспоставување на стандардизирана методологија за теренски и лабораториски истражувања на почви.
    1.2. Анализа и евалуација на постојните практики за управување со почвите во лозови насади.
    1.3. Оценка на плодноста на почвите.
    1.4. Квантификација на содржината на вкупен фосфор во почвите
    1.5. Идентификација на мерки за подобрување на плодноста на почвите и зголемување на мобилноста и достапноста на фосфорот.
  2. ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ
    2.1. Воспоставување на стандардизирана методологија за мониторинг на почвите
    2.2. Сеопфатна анализа на практиките за управување со почвите
    2.3. Оценка на плодноста на почвите
    2.4. Квантификација на вкупниот фосфор во почвите
    2.5. Идентификација на неефикасности и еколошки ризици
    2.6. Развој на препораки и мерки за подобрување на плодноста и мобилизација на фосфорот
    2.7. Поддршка на одржливо земјоделство и усогласување со ЕУ политики