Search
Close this search box.

Нова опрема 14/09/2023

На 14ти септември 2023 година, на Земјоделскиот Институт во Скопје беше промовирана новата софистицирана опрема за ген банката сместена во просториите на институтот, која е донација од Европската Унија преку ИПА проектот за модернизација на националната ген банка, со вкупна вредност од 210.000 евра, наменети за набавка на нова софистицирана опрема.

На промоцијата присуствуваа евроамбасадорот, г-дин Дејвид Гир, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Љупчо Николовски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, новоизбраната ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Билјана Ангелова, како и претставници од Управата за семе и саден материјал и Фитосанитарната управа во рамки на МЗШВ.

Со новата опрема, за прв пат се воведуваат серолошки и молекуларни анализи по стандардни европски процедури кои се користат во светските ген банки, кои овозможуваат контрола на здравствената состојба на семенскиот материјал и утврдување на генетскиот идентитет на молекуларно ниво.

Исто така, благодарение на новата опрема се зголемува постоечкиот капацитет на чување на семенскиот материјал од автохтоните македонски сорти и популации од голем број на растителни видови, како на активната колекција, така и на колекцијата наменета за подолготрајна конзервација, во строго контролирани услови кои одговараат на европските стандарди. Воедно, со новата опрема за манипулација на семето, се овозможува побрза и подобра проверка на квалитетот на добиеното семе што се подготвува за конзервација, како негово чистење од надворешни примеси, проверка на ‘ртливоста и влагата.

Зачувувањето на сортите во ген банките е од големо значење за зачувување на растителниот агробиодиверзитет на нашата земја. Сортите на земјоделски растенија често имаат длабоки историски и културни врски со одредени рурални средини. Затоа зачувувањето на тие сорти претставува и одржување на културата, традициите и идентитетот на тие селски заедници. Дополнително, автохтоните сорти или стари одомаќинети сорти, во текот на годините се прилагодиле на различни болести и климатски услови. Овие сорти во науката претставуваат сериозен извор на генетски материјал за селекција на нови сорти, отпорни на болести и штетници и адаптабилни на климатските промени. На овој начин се овозможува обезбедување на производство на храна на разни климатски и теренски услови.

Автохтоните сорти имаат големо значење и за руралната економија, преку генерирање на приходи на земјоделските производители кои ги промовираат и произведуваат овие сорти. Во ген банката на Институтот, се чуваат референтни примероци, регистрирани на националната сортна листа, меѓу кои има и автохтони сорти и популации, како што се семе од доматите „скопски јабучар“ и „воловско срце“, пиперката „куртовска капија“, популации од везен пипер, популации од „тетовскиот грав“, „дебарската луцерка“ и голем број сорти пченица. Во моментов, во ген банката на Земјоделскиот институт се чуваат 721 примерок од 43 ботанички вида од кои 417 житни, 202 градинарски, 77 фуражни и 25 индустриски примероци. Нивните пасошки податоци се дел од Европската Датабаза EURISCO.

Останати Новости

Научна конференција: Иновации во одржливото земјоделство – мост помеѓу науката и практиката

На 11/12/2024 година, Земјоделскиот институт – Скопје, организираше меѓународна научна конференција „ИНОВАЦИИ ВО ОДРЖЛИВО ЗЕМЈОДЕЛСТВО – МОСТ ПОМЕЃУ НАУКАТА И ПРАКТИКАТА“ во просториите на едукативниот

Прочитај Повеќе

Студентска конференција – 09/11/2023

На 09/11/2023 година, претставници од Земјоделскиот институт учествуваа на IV Студентска конференција под наслов „Критични прашања во земјоделството и животната средина“, организирана од страна на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Прочитај Повеќе

Меморандум Сараево – 08/11/2023

На 08/11/2023 година беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу УКИМ Земјоделскиот институт – Скопје, застапуван од Директорот на Институтот, проф. д-р Виктор Ѓамовски, и Земјоделско-прехранбениот факултет во рамки на Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина, застапуван од Деканот, проф. д-р Мухамед Брка.

Прочитај Повеќе