Успешно заокружен циклусот обуки за развој на агро-екотуризмот во Македонија

Во организација на Земјоделскиот институт – Скопје, а со поддршка на Амбасадата на Република Словенија и Фондот за развој при Министерството за надворешни и европски работи на Словенија, успешно се реализираа две Обуки за развој на агро-екотуристички услуги во рурални средини во рамки на проектот „Заживување на традицијата и зачувување на природата“. Овие интензивни тридневни програми покажаа дека соработката, едукацијата и споделувањето искуства во живо се клучните столбови за економско оживување на македонските села. Преку овој циклус, повеќе од четириесет селски домаќинства научија како автентичниот македонски начин на живот да го претворат во врвно, комерцијално и одржливо туристичко доживување.

Првата обука се одржа од 25 до 27 февруари 2026 година во автентичниот амбиент на Шато Орман (с. Орман, Охрид), додека вториот едукативен циклус се имплементира во с. Лесново, во Вила Молитва, од 11 до 13 март 2026 година. Програмата на двете локации беше прецизно структурирана за да ги опфати сите предизвици со кои се соочува едно современо рурално домаќинство што сака да ги диверзифицира своите приходи. Првиот ден беше целосно посветен на стратешкото позиционирање. Под менторство на Влатко Сулев од Националната асоцијација за дојдовен туризам (NAITM), учесниците работеа на најважниот елемент: како да ја пронајдат и раскажат автентичната приказна за своето домаќинство. Преку практични примери, тие научија како да ги профилираат и таргетираат посетителите, како и кои се најмодерните канали за промоција преку кои нивната понуда може да стигне до домашните и странските туристи. Вториот ден започна со фокус на ресурсите. Стручниот тим од Земјоделскиот институт – Скопје, предводен од д-р Марија Ѓошева-Ковачевиќ и м-р Деспина Поповска-Стојанов, ги водеше учесниците низ процесот на самоевалуација и мапирање на капацитетите на фармите. За да се појаснат административните чекори, во Охрид беа вклучени и Кифни Усеини (Раководител на оддел за туризам) и Горан Мицкоски (Локален економски развој) од Општина Охрид, кои ги пренесоа искуствените правни процедури за регистрација на селските домаќинства. За тоа како одржливите земјоделски практики да станат дел од туристичката понуда говореа д-р Биљана Дрвошанова и проф. д-р Душко Неделковски. Економскиот дел беше покриен од д-р Лазо Димитров, кој преку практични матрици ги обучи земјоделците за планирање на инвестициите, основните средства и прецизното формирање на крајните цени на услугите. Третиот ден беше резервиран за круната на теоретскиот дел — самите учесници ги презентираа своите новосоздадени агро-екотуристички понуди и добија детални повратни информации и насоки од своите ментори пред да се упатат на терен.

Теоријата доби вистинска смисла преку организираните теренски посети, каде учесниците во живо ја почувствуваа моќта на агро-екотуризмот и локалното заедништво. Еден од најубавите моменти на првата обука беше посетата во срцето на Преспа, на прекрасната локација „Spirit of Prespa“. Ова место понуди јасен доказ за тоа како агро-екотуризмот може да биде движечка сила за целата заедница. Неговата магија лежи токму во кохезијата: традиционалните јадења беа подготвени од вештите раце на жените од локалното здружение, виното доаѓаше од соседната семејна винарија, а сè беше надополнето со уникатни домашни сокови од преспански рози и бозел. Овој пример покажа како со здружување на локалните капацитети се создава врвен производ.

Ништо помалку инспиративна не беше ниту посетата во кочанскиот регион на малата семејна винарија „Дедов Двор“ во с. Кучичино. Во прекрасен и автентичен амбиент, домаќините на дело го демонстрираа топлото македонско добредојде. Учесниците уживаа во традиционални домашни специјалитети подготвени со многу љубов, квалитетно вино кое ја раскажува приказната на овој крај и пријатна дружба во срцето на регионот. Оваа посета ги потсети сите дека најдобрите идеи се раѓаат таму каде што се почитуваат традицијата и заедништвото.

Особена чест и признание за сите учесници и за тимот на Земјоделскиот институт – Скопје беше присуството на Амбасадорот на Словенија во нашата земја, Н.Е. Грегор Прескер, кој со личното доделување на сертификатите го заокружи овој процес. Неговото присуство ја потврдува силната меѓународна поддршка за оваа проектна иницијатива. Словенија е светски препознаена како лидер во развојот на одржливиот рурален туризам, па затоа нивната валидација и споделено знаење имаат огромна тежина за развојот на македонскиот потенцијал.

Останати Новости

Нова публикација за агро-екотуризам: теоретски основи, практични чекори и успешни примери

Со големо задоволство ја информираме јавноста, научната и стручната заедница, руралните домаќинства и сите чинители во руралниот развој за објавувањето на новата публикација: „АГРО-ЕКОТУРИЗАМ: ТЕОРЕТСКИ

Прочитај Повеќе

Нов поттик за македонските села: Проектот „Заживување на традицијата и зачувување на природата“ го отвара патот за агро-екотуризмот

Македонските рурални средини кријат огромен, но сè уште нецелосно искористен потенцијал. Автентичните пејзажи, богатата гастрономија, традиционалното гостопримство и занаетите го прават секое наше село посебно.

Прочитај Повеќе