Македонските рурални средини кријат огромен, но сè уште нецелосно искористен потенцијал. Автентичните пејзажи, богатата гастрономија, традиционалното гостопримство и занаетите го прават секое наше село посебно. Сепак, реалноста со која се соочуваат малите земјоделски домаќинства во земјата е исполнета со предизвици – ниски и несигурни приходи, флуктуации на пазарот и сè поизразен тренд на миграција на младото население. Како одговор на овие проблеми, Земјоделскиот институт – Скопје ја започна имплементацијата на проектот „Заживување на традицијата и зачувување на природата“, чија визија за развој беше препознаена и финансиски поддржана од страна на Словенечката држава, односно Амбасадата на Република Словенија и Фондот за развој при Министерството за надворешни и европски работи на Словенија.

Проектните активности започнаа во мај 2025, а ќе се реализираат до декември 2026. Висината на поддршката изнесува 100.000 евра. Главната мисија на оваа иницијатива не е само еднократна поддршка, туку долгорочно вложување во економското зајакнување на селата преку одржливо управување со природните ресурси и промоција на локалната култура. Токму развојот на агро-екотуризмот се наметнува како клучна можност за малите фарми. Преку спојување на традиционалните практики и туристичките услуги, земјоделците добиваат шанса за диверзификација на своите приходи, со што директно се подигнува нивниот животен стандард и се намалува ризикот од сиромаштија.
Проектот веќе зад себе има видливи резултати. Во првата фаза беше спроведено детално теренско истражување при што беа мапирани повеќе од 100 рурални домаќинства низ државата, секое со своја автентична приказна и вештини. Дел од нив веќе имаа можност на јавен настан да ги претстават своите капацитети пред пошироката јавност, покажувајќи го колоритот на нашите рурални средини. Крајната цел е во проектните активности активно да се вклучат најмалку 50 вакви домаќинства, со посебен акцент на економското осамостојување на жените и младите, поттикнувајќи ги да ја гледаат својата иднина во сопствениот роден крај.

Бидејќи овој сектор кај нас е сè уште во иницијална фаза, Земјоделскиот институт – Скопје преку серија обуки и работни сесии систематски работи на подигнување на капацитетите на локалното население. Како важна алатка во овој процес, беше изработена и Публикација за агро-екотуризам. Со својата практична и едукативна содржина, таа ќе им послужи на домаќинствата како детален водич за создавање квалитетни туристички услуги.
Крајниот резултат од овие заеднички заложби ќе биде подготовката на две иновативни и интегрирани агро-екотуристички понуди кои директно ќе ги вклучат локалните производители на храна, занаетчиите и малите даватели на услуги. За овие понуди да станат достапни до пазарот и до туристичките агенции, ќе биде креирана и посебна, современа е-платформа преку која ќе се врши нивно оперативно тестирање и континуирана промоција.

Преку оваа иницијатива, развојот на туризмот отвора врати и за сите останати локални бизниси во заедниците, додека тур-операторите добиваат нови, автентични понуди во своите портфолија. Земјоделскиот институт – Скопје, заедно со своите партнери, продолжува да чекори кон визијата за модерни, економски одржливи и живи македонски села кои гордо ја чуваат својата природа и традиција.






