Во периодот од 24-26.10.2023год, беше организирана работна посета на Институтот за овоштарство во Чачак, Република Србија, со цел продлабочување на повеќегодишната научна соработка од областа на овоштарството. Беа разменети искуства за досегашната работа и можности за идна соработка. Беа разгледани резултатите од заедничкото учество на двете институции во проектот „CherrySeRB“ финансиран од Фондот за наука на Република Србија, под раководство на д-р Сања Радичевиќ, виш научен соработник во Институтот за овоштарство во Чачак. Од особено значење се резултатите добиени од испитувањата на македонските автохтони сорти цреша од Охридскиот регион, Долга шишка и Охридска црна. Дел од нив се веќе публикувани и презенирани на видни меѓународни научни собири.
Исто така, беше организирана посета на Агрономскиот факултет, каде се оствари средба со деканот на факултетот проф. д-р Томо Милошевиќ и проф. д-р Иван Глишиќ.
Со двете институции беше усогласено потпишување на Меморандум за идна соработка и беше разгледана можноста за организирање на студиски престои, стручни обуки, заеднички проекти, опити и сл. Договорено е подигнување на два нови демонстративни насади од слива во услови на Република Македонија. Едниот ќе опфати различни системи на одгледување, а во другиот опит ќе бидат испитувани сортите сливи создадени во Институтот за овоштарство во Чачак.
Голема благодарност до директорот д-р Дарко Јевремовиќ и до колегите од Одделението за помологија и облагородување д-р Небојша Милошевиќ, д-р Сања Радичевиќ, д-р Слаѓана Мариќ, д-р Ивана Глишиќ и д-р Милена Ѓорѓевиќ за професионалноста, за гостопримството и за можноста досегашната соработка да ја продолжиме во иднина.