Четврта Научна Конференција „Вранец – Наука, иновации и глобални перспективи“

Земјоделскиот институт – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на 3 октомври 2025 година, во хотел Континентал, во соработка со Здружението „Вина од Македонија“ ја одржа традиционално четвртата научна конференција насловена како „Вранец – Наука, иновации и глобални перспективи“, со цел споделување на најновите научни сознанија поврзани со винската сорта Вранец, која се одгледува долги години и во Македонија и во регионот, како главен претставник на црвените вински сорти и лидер сорта која го карактеризира типот на македонските црвени вина. Говорници на конференцијата беа истакнати и докажани научни експерти од земјата и регионот (Црна Гора и Србија), во областа на лозарството и винарството, кои презентираа резултати од претходни научни истражувања поврзани со сортата Вранец.

На Конференцијата присуствуваа и учествуваа голем број претставници од други научни и образовни институции, од владини институции и од секторот лозарство и винарство. Настанот беше отворен со поздравен говор од проф. Виктор Ѓамовски, директор на Земјоделскиот институт – Скопје, потоа следуваа поздравните говори на проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Здружението „Вина од Македонија“. Научниот дел на Конференцијата, со првата тема насловена како: „Вранец во Македонија – истражувања и перспективи“, ја отвори проф. д-р Климе Белески од Земјоделскиот институт – Скопје. Проф. д-р Весна Мараш од Биотехничкиот факултет, Универзитет во Црна Гора од Црна Гора зборуваше на тема „Вранец од Црна Гора – Научен, историски и регионален пат на автохтоната сорта кон винскиот идентитет на Балканот“. Предавањето под наслов „Принос и квалитет кај сортата Вранец – предизвици и практични насоки“, го презентираше проф. д-р Душко Неделковски од Земјоделски институт – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а за „Прецизни лозарски практики за добивање на висококвалитетно грозје од сортата Вранец“, зборуваше м-р Ристе Ѓорѓиев од Винарска визба Тиквеш.

Во овој втор дел од Конференцијата, проф. д-р Виолета Димовска од Земјоделски факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, објасни за „Влијание на технологијата на производство врз хемискиот состав на Маџун (меласа од грозје) од сортата Вранец“. Во третиот дел од Конференцијата посветен на значењето од Заштитата на географските ознаки зборуваа: д-р Дарко Јакшиќ од Институт за Агроекономика, Белград, Србија на тема „Примена на пристапи за моделирање за заштита на географската ознака на виното и производите од грозје“; д-р Филип Вучен од ЈНУ Институт за интелектуална сопственост-Скопје, на тема: „Географските имиња на Македонското вино како промотор на Европскиот пазар“ и м-р Милица Плетварска Атанасов од Здружение „ПОВАРДАРСКИ – ВРВ“, Македонија на тема: „Вранец и географските ознаки – гаранција за квалитет, автентичност и економска вредност“.

Конференцијата заврши со презентација и дегустација на вина од сортата Вранец произведени од македонски винарии и винарии од регионот.

Останати Новости

Оценка на недостатоците и предизвиците за здравјето на почвата во Р. Северна Македонија

Деградацијата на почвата претставува сериозен глобален проблем што силно ги засега екосистемите кои се од суштинско значење за производство на храна, генерирање енергија, складирање јаглерод,

Прочитај Повеќе