Нова опрема 14/09/2023

На 14ти септември 2023 година, на Земјоделскиот Институт во Скопје беше промовирана новата софистицирана опрема за ген банката сместена во просториите на институтот, која е донација од Европската Унија преку ИПА проектот за модернизација на националната ген банка, со вкупна вредност од 210.000 евра, наменети за набавка на нова софистицирана опрема.

На промоцијата присуствуваа евроамбасадорот, г-дин Дејвид Гир, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Љупчо Николовски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, новоизбраната ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Билјана Ангелова, како и претставници од Управата за семе и саден материјал и Фитосанитарната управа во рамки на МЗШВ.

Со новата опрема, за прв пат се воведуваат серолошки и молекуларни анализи по стандардни европски процедури кои се користат во светските ген банки, кои овозможуваат контрола на здравствената состојба на семенскиот материјал и утврдување на генетскиот идентитет на молекуларно ниво.

Исто така, благодарение на новата опрема се зголемува постоечкиот капацитет на чување на семенскиот материјал од автохтоните македонски сорти и популации од голем број на растителни видови, како на активната колекција, така и на колекцијата наменета за подолготрајна конзервација, во строго контролирани услови кои одговараат на европските стандарди. Воедно, со новата опрема за манипулација на семето, се овозможува побрза и подобра проверка на квалитетот на добиеното семе што се подготвува за конзервација, како негово чистење од надворешни примеси, проверка на ‘ртливоста и влагата.

Зачувувањето на сортите во ген банките е од големо значење за зачувување на растителниот агробиодиверзитет на нашата земја. Сортите на земјоделски растенија често имаат длабоки историски и културни врски со одредени рурални средини. Затоа зачувувањето на тие сорти претставува и одржување на културата, традициите и идентитетот на тие селски заедници. Дополнително, автохтоните сорти или стари одомаќинети сорти, во текот на годините се прилагодиле на различни болести и климатски услови. Овие сорти во науката претставуваат сериозен извор на генетски материјал за селекција на нови сорти, отпорни на болести и штетници и адаптабилни на климатските промени. На овој начин се овозможува обезбедување на производство на храна на разни климатски и теренски услови.

Автохтоните сорти имаат големо значење и за руралната економија, преку генерирање на приходи на земјоделските производители кои ги промовираат и произведуваат овие сорти. Во ген банката на Институтот, се чуваат референтни примероци, регистрирани на националната сортна листа, меѓу кои има и автохтони сорти и популации, како што се семе од доматите „скопски јабучар“ и „воловско срце“, пиперката „куртовска капија“, популации од везен пипер, популации од „тетовскиот грав“, „дебарската луцерка“ и голем број сорти пченица. Во моментов, во ген банката на Земјоделскиот институт се чуваат 721 примерок од 43 ботанички вида од кои 417 житни, 202 градинарски, 77 фуражни и 25 индустриски примероци. Нивните пасошки податоци се дел од Европската Датабаза EURISCO.

Останати Новости

Оценка на недостатоците и предизвиците за здравјето на почвата во Р. Северна Македонија

Деградацијата на почвата претставува сериозен глобален проблем што силно ги засега екосистемите кои се од суштинско значење за производство на храна, генерирање енергија, складирање јаглерод,

Прочитај Повеќе

Тренинг сесија – Јаглеродно земјоделство – модел за позелена иднина и здрава почва

„Зелен бизнис модел кој ги наградува кориниците на земјиштето заради примена на подобрени практики за управување со истото, што резултира со зголемено складирање на јаглерод

Прочитај Повеќе