Научноистражувачката, апликативната и образовната дејност на Одделението за Агробизнис, економија и рурален развој е насочена кон унапредување на социо-економската состојба во земјоделско-прехранбениот сектор и развој на руралните средини преку примена на научни методологии, принципи и решенија.
За подобрено функционирање на земјоделските стопанства, кои се под голем притисок поради глобализацијата, жестоката конкуренција на светските пазари и кризата за безбедност на храна, но и под влијание на природните услови и климатските промени, одделението спроведува истражувања и анализи за економска оправданост на одржливите земјоделски практики, интродукција на иновациите и воведување на дигитализација, економска рационализација и оптимизација на процесите и инвестициите, анализа на ризик, влијание на климатските промени врз земјоделството и мерки за адаптација, социоекономската состојба на руралните заедници и други активности согласно потребите на секторот и барањата на учесниците во целиот синџир на производство и дистрибуција на земјоделско-прехранбени производи.
Апликативната дејност ја реализира преку проекти, програми, планови, стратегии и методологии со широка примена во приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор во вид на: бизнис планови, физибилити студии, cost-benefit анализи, маркетинг и истражувања на пазарот, стратешки планови, развој на системи за мониторинг и проценка на економските влијанија.
Новите трендови поврзани со заштита на животната средина, адаптација и одговор на климатските промени, како и светските пазарни трендови, придонесуваат кон нови барања во однос на користење на природните ресурси (почвата, водата), воведување на обновливите извори на енергијата и други аспекти, кои дополнително претставуваат предизвик за земјоделско-прехранбениот сектор и промена во производните, организационите и оперативните пракси во секторот.
Одделението ги следи овие трендови и презема активности во насока на ефикасно управување со расположливите ресурси, проширување на портфолиото на руралните заедници, промовирајќи диверзификација на рурална економија и развој на неземјоделски активности преку вреднување на природните предности и традиционалниот изглед на руралните заедници (традиционална храна, рурален туризам, занаетчиство и друго).
Одделението обезбедува професионални услуги за започнување и развој на рурален бизнис и оцена на одржливост на инвестициите за ИПАРД апликантите, услуги за балансиран и паметен раст со посебни аспекти на влијанието на климатските промени врз социјалната димензија и инклузија, како и за финансиско управување.
Земјоделски Институт, 2024 © Сите права се резервирани.