ECOBASE е иновативен проект финансиран од програмата Interreg IPA ADRION, чија цел е промовирање на одржливи практики и унапредување на управувањето со животната средина во Јадранско-јонскиот регион.
Во понеделник, 13 јули 2026 година, успешно беше реализирана втората Програма за градење капацитети и обука во Општина Кавадарци, Северна Македонија.


Проектниот тим од УКИМ Земјоделски институт – Скопје имаше можност да ги сподели своите знаења и искуства за одржливото користење на почвата и заштитата на биодиверзитетот со учесниците од пилот-подрачјето, кои претставуваа различни групи засегнати страни (земјоделски производители, државни институции, приватен сектор, невладини организации и академската заедница).
Обуката ги опфати следните тематски модули:
- Почвата и нејзиниот квалитет;
- Деградација на почвата – еколошки и природно засновани решенија;
- Климатски паметно лозарство и овоштарство насочени кон зачувување на биодиверзитетот; и
- Климатски паметна рурална економија за заштита на почвата и биодиверзитетот.
На крајот од обуката, учесниците имаа можност да постават прашања и да учествуваат во општа дискусија поврзана со обработените теми.


Земјоделците ги споделија своите практични искуства во спречувањето на ерозијата на почвата во лозјата и овоштарниците, како и резултатите постигнати преку примена на специфични природно засновани техники, како што е повремената употреба на шталско ѓубриво во лозјата. Тие истакнаа значително подобрување на структурата и плодноста на почвата, намалување на ерозијата, подобро задржување на влагата и зголемена продуктивност на земјоделските култури.


Претставникот од Одделението за заштита на животната средина при Општина Кавадарци ја нагласи клучната улога на почвата во земјоделското производство и ја истакна важноста од координирано дејствување на надлежните министерства, регионалните институции и локалните власти во развојот и спроведувањето на иновативни природно засновани решенија за заштита и зачувување на почвата. Обуката уште еднаш ја потенцираше потребата од заштита на почвата како еден од највредните природни ресурси на државата и основен предуслов за одржлив развој на земјоделството.
Повеќе информации за проектот се достапни на неговата официјална веб-страница: https://ecobase.interreg-ipa-adrion.eu/










