Здравјето на почвата и спречувањето на нејзината деградација

Здравјето на почвата и спречувањето на нејзината деградација“ беше главната тема на обуката што се одржа на 5 јуни 2026 година во Демир Капија, во организација на УКИМ Земјоделски институт – Скопје, во рамките на проектот ECOBASE.

Обуката собра учесници од различни сектори и обезбеди платформа за стекнување нови знаења, размена на искуства и дискусија за клучните предизвици и можности поврзани со заштитата на животната средина и одржливото управување со почвените ресурси.

Настанот го отворија претставници на Општина Демир Капија и директорот на Земјоделски институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во своето излагање, проф. д-р Душко Мукаетов ги претстави основните аспекти на проектот ECOBASE, кој се реализира во рамките на Interreg IPA ADRION Programme, со осврт на неговите цели, планираните активности и очекуваните резултати.

На обуката учествуваа претставници на државни институции, приватниот сектор, невладини организации, земјоделски производители и академската заедница. Преку стручни презентации и дискусии беше нагласена важноста на здравата почва како основа за одржливо земјоделско производство, беа разгледани последиците од деградацијата на почвата, придобивките од примената на еколошки решенија засновани на природата, принципите на климатски паметното лозарство и овоштарство, како и пристапите за зачувување на биолошката разновидност и зајакнување на отпорноста на руралната економија кон климатските промени.

Обуката заврши со интерактивна дискусија, во која учесниците разменија мислења и искуства за можностите за примена, промоција и пошироко воведување на овие одржливи земјоделски практики во Северна Македонија.

Покрај теоретскиот дел, програмата вклучуваше и практична сесија. Учесниците имаа можност на терен да се запознаат со постапките за земање примероци од почва во лозов насад, примената на современи лозарски практики, како и со други активности поврзани со одржливото управување со лозовите насади.

Повеќе информации за проектот ECOBASE се достапни на неговата официјална веб-страница: https://ecobase.interreg-ipa-adrion.eu/.

Останати Новости

Нова публикација за агро-екотуризам: теоретски основи, практични чекори и успешни примери

Со големо задоволство ја информираме јавноста, научната и стручната заедница, руралните домаќинства и сите чинители во руралниот развој за објавувањето на новата публикација: „АГРО-ЕКОТУРИЗАМ: ТЕОРЕТСКИ

Прочитај Повеќе